Одбележан празникот на Општина Чешиново-Облешево 21 Септември (Мала Богородица)
Со богата културно-уметничка програма одбележан беше празникот на Општина Чешиново-Облешево (21 Септември – Мала Богородица). Активностите за одбележување започнаа во неделата кога се одржа моторџиско дефиле чиј старт беше во Облешево додека цел беше Пантелеј. Трасата на трката беше следната: Облешево, Чифлик, Чешиново, Спанчево, Пантелеј, Пониква, Јамиште, Злетово, Турско Рудари Пантелеј. На оваа трка продифилираа разни видиви на мотори, а домаќини беа членовите на мото-клубот „Никола Карев“ од Општина Чешиново-Облешево.
Активностите за одбележување на празникот на Општината продолжија во вторникот со богата културно-уметничка програма во Чешиново. Во училиштето „Страшо Пинџур“ во Чешиново беше организирана работилница по повод празникот. На сцената во паркот свој настап имаше фолклорен ансамбл. Активностите беа заокружени со настап на македонската музичка ѕвезда Александар Тарабунов.
По повод празникот, а во соработка со Општина Чешиново-Облешево, организирана беше и крводарителска акција. Голем број граѓани на општината ја покажаа својата хуманост и даруваа крв која на некои многу им значи.
Во средата (21.09.2016 година) во Облешево се одржа главната манифестација. Активностите започнаа со прием кај градоначалникот Костадин Личков и одржување на свечена седница на Советот на Општина Чешиново-Облешево. Како и секоја година така и оваа, беше означен почетокот на жетвата со зажнејување во с.Чифлик. Во Облешево голем број на земјоделци присуствуваа на промоцијата на новите комбајни со Јапонска технологија на компанијата „Агровојводина“ која има свој продажен салон во Облешево. Повеќето земјоделци беа изненадени од придобивките кои ги нуди оваа нова технологија. Оризопроизводителството, како една од основните гранки на жителите во Чешиново-Облешево, може да напредува само со нови и современи машини и технологии кои ќе придонесат за побрза жетва, минимални загуби при собирање на зрната, економичност и ефикасност.
Вреди да се напомене фактот дека Општина Чешиново-Облешево веќе неколку години е во програмата на меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“. Така и оваа година по улиците на Облешево продефилираа голем број учесници од различни земји (Црна Гора, Украина, Монголија, Латвија, Косово и Метохија, Романија, Турција и Македонија). Сите тие ги претставија своите обичаи, култура и традиција. По нивното дефиле следуваше и нивен настап на сцената која беше поставена во паркот во с.Облешево. Голем број жители од Чешиново-Облешево како и од другите делови на регионот присуствуваа на овој несекојдневен настап. Прославата на празникот беше заокружена со настап на македонските музички ѕвезди Ефто Пупиновски и Даниела Темелковска.
Оваа година гости на празникот беа претставници од Општина Boldesti-Scaeni од Романија, која официјално од оваа година е збратимена со нашата општина. Градоначалникот Костадин Личков се заблагодари за остварената соработка со оваа општина и потенцираше дека во иднина се планираат повеќе активности за соработка на економски и културен план. Свое излагање имаше и Constantin Bucuroiu (градоначалник на Boldesti-Scaeni) кој исто така не го криеше задоволството од остварената соработка со нашата општина.
Уште многу години да го славиме празникот Мала Богордица, ден на Општина Чешиново-Облешево!