Чифлик победник на Илинденските спортски игри – ИСИ Чешиново 2016

Скоро цел месец траеа Илинденските спортски игри во Чешиново –  ИСИ Чешиново 2016, на кои се одвиваа многу интересни натпревари во фудбал. Оваа година во финалето на турниорот беа екипите на Чифлик и Соколарци. Воедно тоа беа и екипите кои што најмногу покажаа на овие игри. За очекување беше дека ќе гледаме драматично и неизвесно финале. Тоа и се случи.

На почетокот на натпреварот играта се одвиваше мирно. Тоа траеше се до средината на првото полувреме кога играчот на Соколарци, Марио Атанасовски, со лоб-удар го погоди голот на голманот на Чифлик кој беше далеку од гол линијата. Првото полувреме заврши и со тој резултат 1-0 за Соколарци.

Во десетата минута од второто полувреме екипата на Соколарци го зголеми водството на 2-0. Од огромна далечина Глигор Николов постигна евро-гол на кој публиката бурно реагираше со воодушевување. На 3-0 зголеми стрелецот на првиот гол Марио Атанасовски.

Иако за многумина победникот на натпреварот веќе беше познат, така не мислеа фудбалерите на Чифлик. Тие не се откажаа во ниту еден момент, и продолжија со нападите кон противничкиот гол. Надежите ги врати Диме Андов кој на дваесетина минути пред крајот на натпреварот намали на 3-1. При еден старт со противничкиот фудбалер играчот на Соколарци, Бојан Иванов го заработи и вториот жолт картон што резултираше со црвен и тој мораше да го напушти теренот. Во тие моменти Соколарци направи и замена на голманската позиција. Во последните минути од натпреварот Чифлик успеа да го израмни резултатот со головите на Јанев и на Александар Стојановски. Со тоа беше поставен конечниот резултат на натпреварот (3-3).

Според правилата на турниорот доколку финалниот натпревар заврши со нерешен резултат, веднаш се пристапува кон изведување на удари од белата точка. По мала пауза за одредување на играчите кои ќе ги шутираат пеналите, започна серијата на удари. Екипата на Соколарци од четири удари промаши два, додека екипата на Чифлик ги погоди сите удари. Решавачкиот пенал за Чифлик го изведе Диме Андов. Тој воедно беше прогласен и за најдобар играч на турнирот за овие 44-ти Илинденски спортски игри.

finaleIlindenski

You may also like...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *