Изградба на нов мост кај с.Соколарци

Како пропустот кај Соколарци може да има големо влијание врз локалната економија?

Мал мост или пропуст, сеедно, долг само неколку метри, претставува главна социјална и економска артерија на локалните жители и претприемачи од општината Чешиново-Облешево.

Минатата година силните поплави предизвикаа сериозни штети на повеќе објекти во општината и на земјоделските култури. Од поројните дождови стариот бетонски пропуст попушти, раскинувајќи ја главната врска на неколку села во општината со поголемите градови во овој регион Кочани, Штип и Пробиштип.

Локалната власт привремено го санираше пропустот со тоа што на негово место постави голема бетонска цевка преку која сега се одвива сообраќајот.

Оштетениот мост, прекинатата рута, особено за поголемите, потешките возила, претставува голем проблем за локалните компании. Една од нив е Осогово Милк, меѓу најголемите фабрики за производство на кашкавал и млечни производи во земјата. Фабриката е сместена само на педесетина метри од пропустот кој се наоѓа на влезот на селото Соколарци.

Управителот на Осогово Милк, Зоран Трпески вели дека е потребно итно решавање на проблемот. „Нашата компанија секојдневно собира млеко од локалните фармери и не можеме да чекаме до следниот ден. Дванаесет возила, сите натоварени со неколку тони, поминуваат преку пропустот повеќе пати дневно. Ризикуваат, бидејќи заобиколниот пат е подолг за 20 километри и тоа претставува сериозен трошок за локалните бизнисмени“.

Привременото решение претставува ризик за движење на потешки возила, камиони, автобуси. Особено кога врне и е лизгаво.

„Пропустот мора да се направи најбргу што може“, смета Игорче Ефремов, сопственик на компанијата за трговија со ориз „Еко-Зрно“. „Набавуваме ориз од локалните производители и нашите возила исто така поминуваат преку пропустот секојдневно. Празните комбиња можеби и не се проблем, но за натоварените, по неколку тони тешки, поминувањето претставува голем ризик“.

Автобуси, трактори, земјоделски машини, возила, помали камиони и комбиња поминуваат на ризик секојдневно. Школските автобуси, најчесто го избегнуваат пропустот и кружат, но тука поминуваат автобусите и комбињата кои носат вработени во околните градови, во најголем дел жени кои работат во конфекциите.

За возилата пак на брза помош и противпожарните возила оштетениот пропуст, посебно во дождливи денови е непремостлива пречка.

Според градоначалникот на општина Чешиново –Облешево, Костадин Личков, не постои соодветна алтернатива на пропустот што поминува низ селото Соколарци и ги поврзува и останатите села со регионалниот пат. Загрижен е дека проблемите што произлегуваат од оштетениот мост може да влијаат и од демографски аспект.

„Покрај последиците по бизнисот, се соочуваме и со демографски последици“, вели Личков. „Последните години селата Соколарци и Спанчево, и двете со над илјада жители, бележат пораст на популацијата што е редок случај во овој регион. Пропустот во ваква состојба претставува пречка да се патува на работа, децата да одат на училиште и ги принудува жителите да бараат подобар живот во градовите“.

Експертите предупредуваат дека протокот на пропустот не е доволно голем и редуцирањето на количината вода што поминува овде претставува сериозна закана од излевање при следните поројни дождови.

Изградбата на нов мост за општината претставува голем проблем затоа што е тешко да се соберат толку финансии од еден претежно сиромашен земјоделски крај. Но со програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите помошта е на повидок. Одобрени се 150 илјади евра за изградба на нов модерен мост во должина од 13 метри кој ќе ги реши проблемите на жителите и претприемачите од овој крај. Новиот мост ќе биде изграден по принципот “градиме подобро“ и ќе биде поотпорен на идни поплави.

Мостот кај Соколарци е дел од мултимилионската програма на Европската унија за санација на штетите од полавите. Сите проекти ги спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Секретаријатот за европски прашања, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и комуникации, Јавното претпријатие за државни патишта и локалните власти.

2267a4b0-d0a5-410f-8464-b2083d84188f

f1c7057b-4eec-4817-8b17-fff9d6adccc9

Sokolarci122

 

You may also like...

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *